Битиќи: Над 180 милиони евра поддршка за домашните компании

Сподели

„Во последните шест години имаме исплатено над 100 милиони евра финансиска поддршка кон домашните компании, кои направија инвестиции од над 500 милиони евра. Но ова не е доволно, не се откажуваме и во следните четири години оваа поддршка скоро ќе ја дуплираме и ќе jа зголемиме на 180 милиони евра, што пак ќе значи инвестиции од над 1 милијарда евра во нашата економија“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на Коалицијата за европска иднина.

На прес- конференцијата по повод отпочнувањето на кампањата за парламентарните избори, Битиќи појасни дека во изминатите седум години СДСМ има многу направено многу за бизнисот, односно дека за првпат во 2017 година ги изедначи условите за финансиска поддршка на инвестиции на домашните  и странските компании.

„Го сменивме и пристапот, од договори во четири очи, таа стана транспарентна и достапна за сите подеднакво“, реќе Битиќи, притоа посочувајќи дека со оваа финансиска поддршка претставува и влог во домашните компании за да бидат конкурентни за влез и интеграција во заедничкиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи.

„Затоа, гласот за „Коалицијата за европска иднина“ е глас за европски стандард, за поголема поддршка за развој на домашната економија и глас за поголеми плати нашите граѓани. Продолжувањето по патот кон Европската Унија ќе значи и пристап до 860 милиони евра, кои Брисел ни ги става на располагање преку Планот за раст на Западен  Балкан. Пари кои ќе бидат искористени за економски раст и развој, за нови можности за бизнисот“, рече Битиќи.

Тој порача дека  нема откажување од иднината и дека „Коалицијата за европска иднина“ нуди стабилна, безбедна, економски развиена и инклузивна иднина, иднина за сите.