Спасовски: Да ја зачуваме слободата и демократијата и да ја трасираме иднината

Сподели

Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, се обрати пред граѓаните на Куманово, во населбата Перо Чичо, како старт за кампањата за парламентарните избори 2024 година.

„Нема поубаво чувство од тоа кампањата да ја почнеш од Куманово, град првоборец, град кој ги постави темелите на современата македонска држава. И оттука ја праќаме пораката дека ќе се избориме за ЕУ заедно и победуваме за сите нас, за сега за претседателските и парламентарните избори и на локалните избори 2025 година! Ние го застапуваме концептот на извесност наспроти безнадежност, ние сме тие со јасна визија каде да се движи Македонија наспроти безизлезноста на другите. Нашиот патриотизам е да работиме упорно и посветено за граѓаните и државата. Нивниот патриотизам е сеење магла и лажен патриотизам”, рече Спасовски. Притоа, тој во своето обраќање ги наведе успесите на СДСМ за изминатиот мандат.

„Јас сум горд за многу работи што СДСМ ги направи во својот мандат. Се измиривме со соседите и нема поголема вредност од тоа да бидете добри со соседите. Концептот Едно општество го надградуваме и најважно е тоа да се измириме дома едни со други, рамо до рамо да бидеме силна поддршка на државата. На дело покажавме патриотизам, во мојот мандат како рпетседател на Владата станавме членка на НАТО и го кренавме македонското знаме пред седиштето на НАТО. Денеска зборуваме за напреодк на економски план, за слободни новинари, за систем во кој наместо 8500 денари минимална плата имаме раст на платата секоја година, со просечна плата 600 евра. Ја укинавме радиодифузната такса, го укинавме екстерното тестирање. Само во Куманово вложивме над 121 милиони евра во патна ифнраструктура, за сите регионални патишта, до Свети Никола, до Крива Паланка, до граничен премин Деве Баир итн. Ветуваме дека со иста енергија, жар и посветеност ќе продолжиме да се бориме за вас мои сограѓани”, истакна Спасовски, додавајќи дека овие избори не смее да се направи грешка, туку да се излезе масовно со поддршка за Стево Пендаровски за претседател и за листата за пратеници од ИЕ2.

„Имаме битка за секој од нас, не е се поединци, ниту партија, туку за државата и граѓаните. И добро е што имаме повеќе кандидати за претседател, покажавме дека како држава напреднавме демократски. Но, 6те кандидати не можеш да составиш еден добар претседател. Нашиот претседател Стево е европскиот избор! Другите не можат ни месна заедница да водат, а камоли град или држава. Затоа, не смееме да направиме грешка која скапо ќе не чини, на 24ти масовно излегуваме за Стево, а на 8ми мај двојна победа за европската иднина на Македонија, за листата на пратеници од ИЕ2 во која сите граѓани може да се препознаат бидејќи е вистинска Македонија во мало – Македонци, Албанци, Власи, Бошњаци, Роми, и сите други етнички заедници кои живеат во изборната единица 2. Да ја зачуваме слободата и демократијата и да ја трасираме иднината, сите заедно!”, подвлече Спасовски.