Вечер во Филхармонија концерт на „Божествен“

Сподели

По повод најголемиот христијански празник Велигден, Националната филхармонија вечер (25 април) во 20 часот ќе го изведе концертот „Божествен“. На концертот премиерно ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан, „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 „Трагична“ од австрискиот композитор Франц Шуберт.

Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин диригент со Филхармонијата, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „ПроАрс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.

„Седумте последни зборови од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поновото време. Станува збор за нарачка од страна на Би-би-си ТВ и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди за време на Светата недела во 1994 година од хорот „Капела Нова“ и Шкотскиот ансамбл, под диригенство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија, за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни зборови од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан затоа што е мошне комплексно и катарзично.