Чинот на вдомување на повозрасно куче е уникатно искуство на чиста љубов, хуманост и добрина што ќе го имате во животот. Тоа е единствена можност целосно да го отворите своето срце и да му посакате добредојде на животно кое животот можеби и не го галел претходно; прекрасен придружник кој ќе стори се да се вклопи во вашиот живот, лојален и бескрајно благодарен член на вашето семејство.
Постои идеално возрасно куче за секого, куче кое веднаш би се вклопило во различни ситуации – без разлика дали се работи за семејство со деца или самец кој работи, пензиониран пар или студент. Без разлика на контекстот, сè што сака едно повозрасно куче е да биде видено, сакано, издвоено и препознаено токму тоа како лојален придружник и другар, дел од семејството.
Возрасните животни се лесни за адаптирање, нема да поминете низ долги фази на адаптација за стекнување навики, ниту ќе останете без омилените обувки, зошто му растат заби на вашето кутре. Знаат што значи не, знаат да одат на поводник; можете веднаш да креирате заеднички авантури, да патувате со автомобил, да планирате одмор.
Прекрасни се и инспиративни приказните на вдомени постари кучиња. Бидете и вие пример со некоја таква приказна, со некој од прекрасните сениори од Лајка.
Дојдете и посетете не, бројни се шармантните сениори во нашиот стационар, а некој од нив чека токму на вас, повикуваат од ЈП Лајка.