19. завршна изложба на дела од ликовното студио „Арс вивенди“ од Скопје

Сподели

На 3 јуни, со почеток во 19 часот, во НУ Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје, во големата сала-сутерен, ќе биде отворена деветнаесеттата завршна изложба на дела изработени од членови на ликовното студио „Арс вивенди“, под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски и ќе бидат доделени дипломи за учебната 2023/2024 година.

Во ликовното студиото „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники коишто им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба ќе бидат изложени дела работени во техниките: гваж, акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери, дрвени боички, јаглен и пастел.

„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на студиото коешто деветнаесет години им го покажува правецот на членовите на ова ликовно студио во ликовниот свет.

м-р Тони Шулајковски – академски сликар и ликовен педагог. Роден е 1969 година во Скопје. Дипломирал на факултетот за Ликовни уметности – Скопје, Педагошки оддел насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“. Постдипломски студии – насока сликарскто завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“ што го основа со Дијана Петкова – проект менаџерка. Реализирал 56 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби.

Награди:

* 2016 – Награда за сликарство – ДЛУМ

* 2013 – Награда – „Сликар на годината 2012“ Остен – Светска галерија на цртеж

* 2008 – Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“

* 1992 – Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје

Ликовен перформанс:

2013 -„ВИДИ МУЗИКА, СЛУШНИ СЛИКА, ДОБИЈ КНИГА“ – Градски парк – Скопје

2010 –  „Трансцеденција“ – Културно лето – општина Карпош