Во вечерашното гостување на пратеникот Миле Цеков од Движењето ЗНАМ – за наша Македонија на ТВ 24 изјави дека „ЗНАМ е организирана партија и има формирано тим за преговори кои се во завршна фаза за евентуално коалицирање во влада.
По завршување на тие преговори, заедно со извештајот, преговарачкиот тим ќе ги достави до органите и телата на партијата и ќе разгледаме за евентуалните кадровски решенија.” Тој додаде и дека “Доколку ги усогласиме нашите програмски определби и тие бидат дел од владината програма ние ќе бидеме дел од истата.”
На прашањето за законот за реорганизација Цеков кажа дека ЗНАМ го поддржува законот и потоа додаде “Најпрво треба да ја погледнеме систематизацијата, како ќе функционира по формирањето на влада и како ќе функционираат во пракса овие нови министерства. Сметам дека нема да има нови вработувања бидејќи кадрите се трансформираат од еден ресор во друг.
Во извештаите од европската комисија е нотирано дека треба да има реформа во јавната администрација затоа што таа е преполовена и гломазна, но најсуштински од сето ова е дали ќе имаме квалитетни кадри.
Сето ова ќе го увидиме со новата влада и како ќе се позиционираме во однос на новите министерства.”
Тој на крај посочи “Сметам дека после 30 години редно време е да не правиме фасади и шминки и да обрнеме внимание на структурните реформи, како што е раст на платите, извозната компонента, поддршка на домашните компании, да направиме проценка за странските инвестиции, конкурентноста и продуктивноста.”