Одржан 82. состанок на УО на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика 

Сподели

Во периодот од 3 до 5 јуни во Атина се одржа 82. состанок на управниот одбор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD) на кој помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, г. Муамет Реџепи го претставуваше Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

На состанокот беше презентиран извештајот за работата на Центарот за првата половина од 2024 година во однос на стратешките напредоци и беше направен целокупен осврт на работата на Центарот во однос на тековната состојба со миграцијата. Воедно, се разговараше и за постојаниот висок број на илегални пристигнување во земјите на Европа, како и големата бројка на неосновани баратели на азил, што е поттикнато од конфликтите на Блискиот Исток и Африка.

 Дополнително, беше разговарано за начините и плановите за зајакнување на управувањето со миграции преку ЕУ Пактот за миграција и азил, кој веќе е усвоен и земјите членки на ЕУ се подготвуваат да развијат национални планови за имплементација, со цел операционализација на Пактот. На состанокот се разговараше и за изборниот процес на Генералниот Директор на Центарот, со оглед дека неговиот мандат завршува во 2025 година.

Притоа, беше даден осврт и фокус на враќањето и реинтеграцијата, во поглед на зајакнување на соработката во надворешната димензија, односно со земјите на потекло.