Изложба на “Нови хоризонти” од Зоран Арсовски – Бабата

Сподели

Самостојна изложба на слики на современиот академски визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата со наслов Нови хоризонти ќе биде отворена на 20 јуни со почеток од 19.30 часот во НУ Центар за култура Крива Паланка во рамки на манифестацијата Крива Паланка град на културата за 2024 година. Проектот е од национален интерес во културата од годишната програма за 2024 година на Министерство за култура.

Ова е негова 16-та по ред самостојна изложба со која ќе се претстави реномираниот сликар м-р Зоран Арсовски – Бабата пред љубителите на уметноста, овој пат пред Македонската публика, откако претходните проекти и изложби тој многу повеќе ги презентираше пред Меѓународната ликовна сцена. Арсовски е роден 1980 година во Куманово, Р. Македонија. Дипломирал 2005 година на Националната Ликовна Aкадемија во Софија, Р. Бугарија, насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев  и  Божидар Бојаџиев. Во 2007 година Магистрирал на истата Академија и се стекнал со професионална квалификација  Магистер  по  Сликарство.

Има учествувано на повеќе Меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, уметнички фестивали и симпозиуми во земјава и странство. Работи во Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев”- Куманово како Стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Сопственик е на уметничка Галерија „Art Gallery Arsovski” – Куманово.

За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.

За изложбата “Нови хоризонти” историчарот на уметноста, Роберт Цветковски ќе запише:

Не спорејќи го влијанието на општествениот контекст (пандемии, енергетски и економски кризи, војни и уништување на животната средина со неодговорно однесување на човекот), како и просторот и времето во коешто живееме и твориме, размислувајќи притоа за предизвиците пред нас, честопати, се обидуваме да ја видиме подалечната иднина. Тој мисловен конструкт ни е потребен за да можеме да се подготвиме за настаните коишто доаѓаат и ни е еволуциски впишан во нашата ментална програма за опстанок. Се разбира,  повеќе луѓе од разни профили можат да дадат свои видувања во оваа насока,  но се чини дека визуелните уметници можат да дадат најексплицитни проекции. Проекцијата на иднината и нејзиниот евентуален развој е во фокусот на проектот којшто сакаме да ви го претставиме а се работи за најновата изложба на академскиот сликар м-р Зоран Арсовски-Бабата насловен како “Нови хоризонти“. Велиме проект, затоа што е тематски поврзан со неговите претходни циклуси (“Тектонски пореметувања“ и “Космички бумеранг“) и претставува континуитет на едно истражување коешто доследно, согласно претходно поставените канони и стандарди, дава иновативни резултати и креативни решенија. Во содржинска смисла, екологијата е почетната точка  на проектот а актуелната продукција е драматично предвидување на последиците од непочитувањето на животната средина и планетата воопшто. Во формално-техничка смисла, тука е веќе усовршената техника на акрил во комбинација со силикатни смоли, мајсторски аплицирана на платно од страна на Арсовски, и во сиот свој раскош и сјај еманира зрелост, прецизност и баланс.

Од ракурсот на консументот, она што е евидентно  во најновиот циклус на остварувањата на Арсовски  е следењето на претходно исцртаната траекторија а тоа подразбира експлозија од бои и форми, езотеричност, метафизика и трансценденција, секвенци на нов универзум, нови хоризонти во постојано превирање и констелација на флуидно напластени леери во диспозиција која сугерира континуирана трансформација на просторот, видена преку транзицијата на материјата во енергија и обратно. Исто така, во понудената колекција се чувствува трипартитна организација на композициската структура во којашто доминира  колористична експресија (дела со нагласен третман на интензивни комплементарни и суплементарни бои нанесени со силни гестуални движења, надополнети со точкасти партии коишто симулираат перфорирани индустриски остатоци), апстрактно-асоцијативни експресионистички пејзажи (работени пред псевдохоризонт, изведени во колористично експресивен манир, од коишто извираат силуети на птици, луѓе, зооморфни ентитети) и надреални композиции (надополнети со објекти од животинска и растителна природа: петли, гасеници, полжави па дури и биоморфни структури во комбинација со остатоци од високо-технолошка ера). Вака поставената повеќеслојна структура во делата на Арсовски имплицира еден егзистенцијален дискурс во којшто филозофското и практичното, можното и неопходното, доброто и лошото мораат да бидат доведени до совршена рамнотежа.

Несомнено, понудениот материјал треба да се разбере и како повик кон факторите на сегашната цивилизација за освестување и преземање на итни мерки за спас на планетата; во спротивно, драматичните случувања од сликите на Арсовски ќе бидат реалност… Можеби ќе преживеат некои помали животни и растенијата ќе бидат со изменет колорит, па дури и ќе се појават некои нови постеволутивни органовидни форми, но отсуството на човекот говори дека состојбата е повеќе од алармантна. И токму тука, во упатениот апел ја гледаме вредноста на оваа изложба, надополнета, се разбира, и со техничката перфекција.