Tранспаренси Интернешнл: Реакција по извештајот за извршен увид во Агенцијата за филм

Сподели

Во извештајот недостасуваат препораки за надминување на состојбата на блокирани исплати

Работна група на Министерството за култура во текот на месец април и мај 2024 година извршила увид во работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Во извештајот објавен овој месец се идентификувани критични недостатоци во примена на законската регулатива, утврдени се слабости во работата на Агенцијата за филм, дефинирани се и активности кои треба да ги преземе Агенцијата за надминување на актуелните состојби и дадени се препораки до Владата за законски измени. Фокус на извештајот е да се обезбеди доследна примена на законската регулатива и примена на принципот на владеење на правото, потиснување на непотизмот, клиентелизмот, неселектизам при постапување и сузбивање на корупцијата.

Транспаренси Интернешнл-Македонија ги поздравува извештајот и иницијативата на Министерството за култура, коешто одлучи јавно и транспарентно да укаже на нерегуларностите коишто се случувале во Агенцијата за филм, но укажува на тоа дека конкретни мерки сè уште нема. Агенцијата има стопирано исплата на средства за веќе потврдени филмски проекти, а од што филмските уметници сè уште се соочуваат со штетни последици.

Поради тоа, а на основа на овој извештај и сите претходни извештаи во врска со проблемите во Агенцијата за филм, ја повикуваме Владата и идниот министер за култура да се посветат на итно преземање на мерки и активности за разрешување на овие состојби, особено имајќи го предвид фактот дека филмските работници се од исклучително значење за промоција на македонските вредности кон надвор.

Во ретроспектива на нашата реакција потсетуваме

  • Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) ги следи активностите на Агенцијата за филм уште од 2020 година, кога поднесе кривична пријава во врска со незаконските исплати од Агенцијата за филм.
  • Дополнително, во 2023 година ТИ-М спроведе мониторинг на постапката за избор на филмски проекти во рамки на Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година и укажа дека Агенцијата за филм треба повеќе да го потенцира прашањето за судир на интереси на повисоко приоритетно место во начинот на своето постапување. Во Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година, Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал Конкурсот, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.
  • Дополнителна анализа на ТИ-М покажа дека согласно Закон за филмска дејност, ниту Управниот одбор, ниту директорот на Агенцијата имаат надлежност да донесат одлуки со кои времено ќе ја стопираат реализацијата на наведените проекти. Агенцијата и продуцентот имаат склучено договор во којшто се регулирани нивните взаемни права и обврски, а со ваквото постапување Агенцијата се става во позиција на задоцнета исплата, по што се остварува правото на барање на плаќање на казнена камата. Доколку дојде до наведеното, односно свесно извршени штетни дејствија на сметка на средствата на Буџетот на РСМ, одговорна за таквите постапувања би била Агенцијата за филм и нејзините управни органи.

Интересот на ТИ-М за следење на активностите на Агенцијата за филм произлезе од укажувања од страна на граѓани кои што наведуваа потенцијални неправилности во работењето на Агенцијата за филм, коишто подоцна беа потврдени и од Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција, како и од Министерството за култура.

Транспаренси Интернешнл-Македонија позитивно го оценува извештајот на Министерството за култура, институција која изреагира по посочени нерегуларности од страна на укажувач.

Ваквите постапки се од исклучително значење за подигање на свеста, а особено кога е во прашање улогата на укажувачите во едно опшество, како една од алатките за сузбивање на корупцијата.