Во текот на вчерашната ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа акција за отстранување обемна дива депонија лоцирана на улицата Џон Кенеди, во скопската општина Чаир, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“.
Во рамките на акцијата се подигнати и транспортирани 50 кубни метри непрописно одложен отпад, по што екипите на Претпријатието спроведоа и рачно миење на микролокацијата. Активностите беа реализирани во соработка со ЈП Паркови и зеленило.
Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје го осудуваат тенденциозното непрописно исфрлање отпад на јавни и сообраќајни површини што во последниот период најчесто е забележано во непосредна близина на контејнерите наменети за одлагање на комуналниот отпад. Секое исфрлање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота.