Изложба на 38 Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Сподели

Уште еден импресивен опус  на уникатни уметнички дела од 38-та Меѓународна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ беше претставен пред публиката на завршната изложба во истоимениот манастирски комплекс каде традиционално се одржува оваа ликовна работилница.

Бројните посетители беа воодушевени од импресивната енергија на делата, инспирирани од духовната и природна димензија на манастирското светилиште и опкружување, создадени од   овогодинешните учесници од  Шпанија, Тунис, Мароко, Северен Кипар, Бугарија, Украина , Словачка, Србија и од Македонија, кои твореа од 28 јуни до 6 јули.

„Во „Св. Јоаким Осоговски“  уметниците ја споделуваат енергијата,боите, инспирациите , виното, дури и утринската роса. Така, од 13 уметници, 7-мина  го избраа сакралниот момент, Осоговски зрачи во нивните дела. Но, секоја колонија е различна , како и  составот на уметниците,  секојпат има нова, ликовна конфронтација, нови идеи и видувања во контекст на новите тенденции на европската уметност“, рече  Јордан Михајловски,почесен координатор на колонијата.

Организаторите се задоволни  што ова ликовно издание е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата“, и што се  враќа сјајот на ликовната колонија, благодарение на поддршката  од МПЦ, Министерство за култура  и Опшина Крива Паланка.  

Градоначалникот  Сашко Митовски, им се заблагодари на сите досегашни учесници кои низ годините наназад биле дел од колонијата и дале свој придонес  да опстои како културна манифестација и културен бренд на градот.

„Оваа престижна културна манифестација сите не прави горди, а оваа изложба е круна на  заедничкото творештво на уметниците  во изминатата недела. Верувам дека учесниците  од овде ќе понесат позитивни импресии и тоа ќе биде основа за меѓународна културна соработка“,  рече Митовски.

Како Град на културата, според него, Крива Паланка има обврска да ја оправда довербата на Министерството за култура и смета дека тоа успешно е постигнато со културните настани во изминатите месеци.

„Ќе продолжиме уште поинтензивно на овој план во наредниот период  со предвидената  културна програма и културен капацитет, што ја прави нашата општината  препознатлива и различна од останатите“, подвлече Митовски.

Општината во изминатите 2 години издвојува сериозни буџетски средства за културата  и овозможува разновидната културна поинуда за сите граѓани.