Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со в. д. директорот на Заводот и музеј – Охрид, Горан Патчев, направи увид во состојбата на Музејот на вода во Охрид, и со жалење констатира дека целиот музејски комплекс изгледа прилично запуштено и неодржувано, а тоа е потврда дека бил целосно заборавен во изминатите години.
Најавувајќи брза реакција за санација, министерот Љутков истакна дека во наредниот период Охрид ќе стане центар со 365 денови културен туризам.
„Ќе развиеме програма со многу културни и едукативни содржини и ќе го промовираме Охрид како Сесловенски духовен културен центар“, изјави министерот Љутков при посетата на Музејот на вода, кој е еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид, каде што се спојува убавината на природата со нашето културно наследство.
Тој потенцираше дека за почеток ќе се обезбеди доекипирање и подобри услови за работа на вработените, со цел нормално функционирање на музејскиот комплекс, потоа ќе се изврши реконструкција и модернизација на оштетениот систем за наводнување кој во моментов не е во функција.
„Ќе се преземат и активности за повторно ставање во употреба на терасата пред музејската зграда, со што би се овозможил пријатен престој на посетителите и уживање во глетката кон наколната населба“, изјави министерот за култура и туризам, истакнувајќи дека санацијата на комплексот ќе продолжи и следната година, кога ќе се изврши санација на платформата на наколната населба и на покривите од колибите, со што ќе се овозможи овој уникатен музеј да си го врати стариот сјај.