На програмата на „Охридско лето“ во рамките на австриската вечер се одржа концерт на виенскиот квартет „Арпеџо“, а беше отворена и изложбата под наслов „Калиопе-жените во општеството, културата и науката“. Во црквата „Света Софија“ љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат
во прекрасниот концерт на извонредните уметници.
Отворајќи ја вечерта, заедно со амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер, Евалд Кoeниг, потпреседател на Сојуз на стопански комори на Македонија за надворешна соработка, истакна “Голема честа да се биде дел од еден ваков фестивал како што е Охридско лето, културата и
туризмот се меѓусебно поврзани, без култура нема туризам, без туризам нема буџет за култура. Но, има многу да се направи, најдобар пример е фестивалот Охридско лето, тоа е еден од најважните културни настани во регионот, дури би го споредил со фестивалот на летото во Салцбург.
Генерално, туризмот и културата заеднички го поттикнуваат економскиот раст, зачувувањето на културата и глобалното разбирањe”.
Кoeниг на прашањето што мисли за новата влада, посочи дека во моментов гледа позитивно што имаме свое Министерство за туризам за прв пат во историјата на Република Македонија и се надева дека владата ќе ја препознае додадената вредност на туризмот и важноста на спроведување на соодветни стратегии.
Во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ беше поставена изложбата под наслов „Калиопе- жените во општеството, културата и науката“. Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија насекаде во светот. Оваа изложба беше потсетник на тоа колку жените напредувале, но и истовремено претставува и осврт на она што се уште треба да се направи за да се обезбеди еднаквост.
Според директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, вечерите коишто се одржуваат со поддршка на амбасадите во земјава ја збогатуваат програмата со врвни уметници и дополнителна можност извонредни уметници да настапат надвор од државата.