Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, ја посети Градската општа болница „8 Септември по повод отворање онколошко одделение и обезбедување терапија за пациентите со малигни заболувања.
-Заедно со директорите на ГОБ „8 Септември, проф. д-р Синиша Стојаноски и на Клиниката за онкологија, д-р Игор Стојковски ги посетивме амбулантите за онкологија, како и дневната амбуланта која очекувам да профункционира за неколку недели. Има решение од Министерство за здравство да можат да се вршат амбулантско-консултативни прегледи и во оваа болница. Целта е дисперзирање на терапијата и растоварување на работата на Клиниката за онкологија, истакна при посетата министерот Таравари.
Директорот на болницата ГОБ „8 Септември“ појасни дека е изготвен план и динамика за почнување со работа на онколошката амбуланта, каде ќе може да се прима терапија на одделот за специјалистичко-консултативната онкологија во оваа болница.
-За почеток ќе се трудиме динамиката да одговара на капацитетите, како кадровски, така и функционални на болницата, а постепено како што ќе се зголемува тимот, така ќе расте и бројката на пациенти кои ќе се третираат во оваа установа, истакна д-р Стојаноски.