Со „Стела“ и кратки филмови за деца започна филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран

Сподели

Со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик синоќа во Дојран започна третото издание на фестивалот „Преку езерото“.

Претходно, во Музејот на Град Дојран се оддржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“, Столе Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.

Фестивалот и годинава обрнува внимание на програмата за деца која ќе се одвива на отворено. Годинава „Преку езерото“ се организира со своја програма и во Гевгелија, Валандово и во Богданци.

Официјалното отворање ќе биде утре, на 9 август со доделување на наградата „Мето Јовановски“ на актерот Владо Јовановски, како и со проекција на филмот „Руски конзул“, последниот филм на Мето Јовановски.

Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.