„Првото прашање поврзано со позитивната листа на лекови коишто Фондот за здравствено осигурување ја објавува можам да кажам со задоволство дека бев информиран од страна на директорот дека таа ќе биде проширена со осум нови лекови, коишто досега не беа на пазарот и со која ќе им се заштеди на осигурениците до два милиона евра. Лекови коишто тие ги плаќаа, ценам дека ова е после долго време освежување на онаа листа по насока на додадена вредност на здравствените осигуреници“ објасни претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе има надополнување на позитивната листа на лекови.
Премиерот Мицкоски очекува дека во иднина уште повеќе ќе се проширува позитивната листа на лекови и дека истите нема да се набавуваат преку привилегирани семејни веледрогерии.
„Ја поздравувам, честитам и очекувам и во иднина уште повеќе да се проширува, со што ќе се стави фокус на објективноста, а не на привилегирани семејни веледрогерии коишто изминативе децении го исцицаа здравствениот систем и практично го доведоа здравствениот систем ваков како што е триплирани вредности на медицински апарати, лекови итн. И сега сакаат огромни суми на камати на грбот на граѓаните да спечалат па блокираат здравствени установи итн, изјави премиерот.
Владата како што рече премиерот нема друг интерес освен интересот на граѓаните и пациентите.
Сѐ ќе испитаме, сѐ ќе истражиме но, ја поздравувам одлуката на директорот на Фондот, само така треба да се продолжи да се работи за еден интерес е тоа, интересот на граѓаните и пациентите немаме друг интерес, подвлече Мицкоски.