Арсовска: Политички циркус за покривање на неуспесите во други државни политики

Сподели

“Добро е што за првпат по три години ВМРО-ДПМНЕ признава дека блокадата на градот Скопје е организирана и оркестрирана токму од оваа политичка партија преку нивните советници во Советот на градот Скопје”, изјави денеска градоначалничката Данела Арсовска.

“Впрочем, ќе го цитирамe и министерот Перински кој уште на почетокот неговата прес-конференција по состанокот вчера изјави дека “генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје, е една фаза од препреките за реализација на проктите од страна на Градот”.

Добро е тоа што Мицкоски се обидува да ги поправи грешките на неговите сопартијци и прифати средба, но за жал по вчерашниот состанок кој се надевавме дека ќе биде искрен и во насока на градење на партнерски однос во корист на граѓаните на Скопје, тој повеќе наликуваше на политички циркус за покривање на неуспесите во други државни политики и добивање на политички поени.

Како што му предочив на Мицкоски, јас не се натпреварувам за политички поени. Предложив состанок на кој презентиравме решенија за надминување на блокадите во Советот на град Скопје од страна на советниците кои три години ги држат скопјани заложници на нивната политика. Предложивме на вонредна седница советниците да ја изгласаат програмата за работа на ЈП Комунална Хигиена за јавна чистота. Предложивме и план за набавка на нови еколошки автобуси, и тоа понудивме советниците да формираат Комисија за набавка на новите автобуси која ќе ја спроведе целата набавка јас само да ја потпишам. Предложивме и старт на реализација на проектот БРТ, со кој градот Скопје ќе добие 60 нови автобуси. Побаравме Владата да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студенти, за што одговорот што го добивме беше дека ќе го исплатат, со повлекување на средствата за изградба на новиот булевар во Визбегово, “Хасан Приштина” што го сметаме за уцена на штета на граѓаните на градот Скопје, а не партнерски однос и решение.

Сите наши решенија повеќепати претходно се доставени до Советот и советниците, некои и над 20 пати, односно над 20 месеци, испратени се материјали од повеќе стотици страници на увид, и сите тие решенија се блокирани. Советниците блокираат планови за работа без кои претпријатијата не можат и не смеат да работат.

Градот Скопје финансиски е консолидиран, буџетот е ликвиден, а претпријатијата за разлика од минатото за прв пат функционираат без владина поддршка во овој мандат. Ние не бараме пари од Владата, туку бараме политичка волја да се одблокира советот и донесат одлуките. Разбирам дека Перински е неискусен во оваа работа, но, веројатно ќе научи во текот на неговиот мандат. Но тој треба да знае дека доколку советниците од неговата политичка партија не ги блокираа проектите, плановите за работа и јавните претпријатија, Скопје немаше да биде во оваа состојба.

Иако презентиравме план, не го прифатија и побараа од нас нов план, и беа изненадени дека и тоа го прифативме, бидејќи тие сакаат проблеми а не решенија”, изјави Данела Арсовска .