Јаваме бесен коњ по слеп пат! – Meрсел БИЉАЛИ

Сподели

Во безбедностa важи правилото – пет години ве учат да зборувате, за потоа 50 години да молчите! А кога нормалноста станува невозможна, пропаста станува неизбежна, оти контролата на умот доведува до неконтрола на безумието.

Посетата на директорот на ЦИА никогаш не е без голема причина и никогаш не е само со дипломатска порака. Вилијам Барнс, покрај тоа што води една од најмоќните светски сервиси, тој е и еден од најмоќните луѓе во САД. Претходно бил амбасадор во Русија, а како висок кадар на ЦИА служел и кај демократите и кај републиканците. Интересно што паралелно во Србија стасал и помошникот генерален секретар на НАТО Борис Руге.

Невообичаено е шефот на странска служба јавно да посетува друга земја. Прв пат имаме ситуација шефот на моќна американска служба да се среќава со претставници на други земји кои не се од безбедносен сектор. Особено е невообичаено ваквата посета да биде обелоденета пред јавноста. Вакви посети секогаш биле далеку од очите на јавноста. Вообичаено, шефовите на тие моќни служби се сретнаа со шефот на службата домаќин. Ова укажува дека мисијата на шефот на ЦИА Барнс е многу поширока од обична соработка на безбедносните служби во соочувањето со безбедносните предизвици, ризици и закани со кои се соочува човештвото денес.

Бројни аналитичари ја сметаат посетата на директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) на Босна и Херцеговина, Србија и Косово како одговор на предизвиците што ги носи влијанието на Русија во регионот и сецесионистичките аспирации на проруските политичари од Република Српска и Србија. Голема е веројатност дека разговорите меѓу Вилијам Барнс и соработниците со шефот на Агенцијата за разузнавачка безбедност на БиХ, Претседателството и министерот за надворешни работи на БиХ на 20 август, меѓу другото, биле фокусирани на ескалацијата на тензијата поттикната од Милорад Додик, (а индиректно и од самиот Вучиќ).

„Убеден сум дека тоа е сериозен проблем, бидејќи директорот на ЦИА ретко оди во такви мисии и јавно го објавува тоа. Претпоставувам дека една од причините е зголеменото малигно влијание на Србија и Русија на Балканот“, оцени за „Радио Слободна Европа“ Срѓа Павловиќ, историчар и соработник на „Институтот Вирт“ на Универзитетот во Алберта од Канада. Значи, посетата на Барнс е многу силна порака за Репулика Српска и Србија дека САД нема да ги толерираат нивните постапки во реионот. Таквите проблеми на Балканот што ги создаваа Додик и Вучиќ би биле од голема корист за Кремљ, бидејќи тие би можеле да го одвлечат вниманието на САД и Европа од војната во Украина.

Познато е дека претодно бил организиран „Сесрпскиот собор“ под името „Еден народ, еден собор – Србија и Српска“. Таму била усвоена Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ. Соборот се одржувал во време на засилена реторика на Белград за „загрозување на српскиот народ“ поради усвојувањето на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Исто така, двете влади усвоија предлог за иницирање меѓународен конкурс за издигање споменици и меморијални центри посветени на жртвите од Јасеновац. А реално цело време целта била сецесијата од БиХ.

Познато е дека САД реагирале многу оштро на тоа. „Разделбата“ на РС од БиХ, не значи независност, туку крај на Република Српска“ – изјави тогаш амбасадата на САД во БиХ, еден ден откако властите на тој ентитет најавија дека ќе му предложат „мирна разделба“ на другиот босанскохерцеговски ентитет на БиХ. Имено, претходно владата на Република Српска најави дека во следните 30 дена ќе состави договор кој ќе му биде испратен на другиот босанскохерцеговски ентитет, а кој ќе се однесува на „мирна разделба“ во Босна и Херцеговина. Дури била формирана Работна група за изготвување на договор за „мирно раздружување“ на РС со остатокот од Босна и Херцеговина. Властите во Република Српска донесоа низа закони со цел, како што рекоа, „враќање на јурисдикцијата“ од државата БиХ на ентитетот РС, акти кои беа поништени од Уставниот суд на БиХ или од Високиот претставник на Меѓународната заедница во БиХ. Ама по жешката средба со Барнс, Додик јавно се заколна дека не бара сецесија! Тој веќе свати дека неговиот „пријател“ Путин е немоќен, и дека руската држава сега веќе е падната од прва во трета лига. Тој ја моли и една сиромашна Свеверна Кореја за оружје!

Шефот на ЦИА сега е во Приштина и ќе се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти. Претходно се има сретнато и со претседателката на Косово, Вјоса Османи (која по средбата длабоко офшама), и со шефицата на Косовската разузнавачка агенција (КИА), Петрита Ајети. Ниту една од страните не се огласи да објасни по повод овие средби. И од тука Барнс испрати пораки на начин да сите водачи добро разбератшто бара! Дека ваквата посета на шефот на странска безбедносна служба на функционери во други земји досега не била пракса се согласуваат бројни познавчи.

Србијa пред револуција?

Како и да е, извесно е дека руските инсталации во Европа ќе бидат на отстрел. Нема повеќе да се толерираат режими со срцето на исток а со паричникот на запад. Неслучајно во Србија со месеци протестите стаса критична маса, и по масовност и по одлучност. Конфликтот меѓу властите и невладините организации во Србија не е нов, но деновиве стаса до кулминација, оти енормно засилија протестите наводно против ископувањето литиум. Претставници на власта ги критикуваат невладините организации дека добиваат пари од странство, а тие возвраќаат дека власта е таа што е најголем примател на западни донации од различни западни фондови, а истовремено игра источно оро!

Невладиниот фактор деновиве успеел да собере дури над 100 илјади протестанти против тнр. пројект „ЈАДАР“ за ископување литиум. Тоа многу ја плаши српската влада. Нивната организираност и масовност го дестабилизираа веќе и српскиот владин кабинет. Самиот српски премиер Вучевиќ призна дека веќе и внатре во неговиот кабинет „има дисонантни тонови“.

Пред некој ден, помошникот на рускиот претседател Путин, Николај Патрушев, оцени дека Западот се обидел да организира „шарена револуција“ во Србија, за да ја замени легитимната влада и наместо неа да донесе „политичари лојални на САД“! „Знаеме дека Западот користи различни причини за да организира „шарени револуции“ и се обидува да ги замени легитимните влади со политичари обучени во странство кои се послушни на Вашингтон. Западот се обидува тоа да го направи и во Србија“ – има кажано Патрушев.

Македонија кон ќорсокак!

Северна Македонија пак се движи накај опасен кањон, оти некои тешко разбираат дека нашето сонце се раѓа на запад. Тешко сфаќаат дека од целта има стотина патишта, а до целта само еден пат. Наместо да се корегираат претходните грешки, тие се дуплираат. Бројни светски анализи, постапките на постојната власт ги врзуваат за антизападна ориентација, а клучка е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Впрочем, нашите водачи воопшто не кријат дека се импресионирани од Орбан. Тој им одобрил некаков нејасен кредит со ниска камати, а сега претендира трет мобилен оператор. Тоа не е ништо лошо да ја немаше анатемата што запад сега веќе фронтално ја фрлил кон Орбан. Тој со години градел опасна (не)безбедносна оска меѓу Москва, Будимпешта, Белград, Бања Лука, Подгорица, (а сега и Скопје)! Мицкоски самиот Орбан го опиша како негов „пријател“! Пред некое време aмериканскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман жестоко ја осуди силната „антиамериканска“ реторика на Орбан, а после изборите во САД што се очекуваат да бидат во полза на Демократите, веројатно ќе следи силна разврска со Орбан кој веќе е изолиран и од самата ЕУ кај што членува (сега и претседава). Пред некое време, претседателот на унгарското собрание тврдел дека војната на Путин во Украина всушност била „водена од САД“! Орбан, кој од една страна неосновано тврди дека владата на САД се обидува да ја собори неговата влада, јавно повикува на политички пораз на Демократите во САД! Тоа е големо мешање во внатреши работи на САД, а многу наликува на гладијаторска борба на Орбан во арена каде што тој самиот игра улога на гладијатор! Башка што односите меѓу Унгарија и Полска (а и со бројни други членки на ЕУ) се на ниво на студена војна. Во таква ситуација воопшто не е добро да се јаде унгарски гулаш. За жал, Македонија сега јава погрешен коњ по погрепшен пат! А кога Орбан ќе го удрат по глава нм дупло ќе не боли!