Герасимовски: Стартува јавниот повик за „Нега на стари лица во домашни услови“

Сподели

Започнува Јавниот повик за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ кој опфаќа 90 корисници, жители на Општина Центар.

Преку овој проект граѓаните корисници во сопствениот дом бесплатно добиваат помош и поддршка од страна на стручни и обучени лица. Три пати во неделата по два часа ги посетува негувател кој им помага во извршување на основните  домашните задачи и набавка на прехранбени намирници или лекови, два пати во неделата по еден час ги посетува физиотерапевт кој им дава физикална терапија односно масажа и еднаш во месецот ги посетува социјален работник. Градоначалникот на Општина Центар вели дека овој проект е незаменлив и секогаш ги добива највисоките оценки од највозрасните граѓани.

„Проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ е од непроценливо значење за пензионерите бидејќи преку овој проект им помагаме на нашите повозрасни сограѓани полесно да се справат со секојдневните домашни обврски. Дел од повозрасните граѓани се со нарушено здравје поради што имаат потреба од асистенција, дел од нив и немаат средства да си платат надворешно лице за помош па општината одлично им излегува во пресрет. Со помошта на стручните лица вклучени во овој проект на нашите баби и дедовци им овозможуваме полесна старост и обезбедуваме подобри пензионерски денови“ изјави градоначалникот Герасимовски.

Општина Центар ги информира граѓаните дека право на апликација имаат сите лица над 62 години, истите да се корисници на пензија или на социјална помош, корисникот да нема повисоки примања од 35 000 денари месечно и да се жители на општината. Корисник на ова право може да биде само еден член на семејството освен ако се приложи извештај специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второ лице. Исто така корисник на овој проект не може да биде лице кое користи нега во домашни услови од друг субјект давател на иста услуга како Црвен Крст на Република Северна Македонија или друг субјект.   Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите да пополнат барање во Архивата на Општина Центар и да аплицираат. Подетални информации и потребни документи заинтересираните може да прочитаат на веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?p=22449. Општина Центар ќе продолжи да работи на проекти кои се од клучно значење за граѓаните.