Ако треба да се пуштиме јас и ти,
нека биде ноќва, нека биде утре…
Да изградам свет, да позајмам тело,
да не биде овде, да не бидам јас…
Ако мора да се пуштиме јас и ти,
заплеткани на две лулашки
од стар, расклатен рингишпил,
нека биде молња, нека биде миг,
да се судриме силно со некои други,
што безумно се вртат до нас…
Ако треба да се пуштиме јас и ти,
патници низ безимени градови
врзани со појаси од години,
нагази на гас, вози на црвено,
нека биде кратко,
нека биде сон…
(Јас, Квентин Скриблер“, 2015)