Вчера започна официјалната посета на премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари тет-а-тет средба со неговиот унгарски колега Виктор Орбан во премиерската вила во Охрид.
“Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво.
Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.
Горди сме на можноста да ја зајакнеме соработката помеѓу нашите две земји. Веруваме дека оваа посета ќе отвори нови патишта за економска и културна размена и ќе ја зајакне нашата пријателска врска”, изјави премиерот Мицкоски по средбата со Орбан.