Дали Никола Груевски е готов? Минатата недела пристигнаа првите два Обвинителни предлози од СЈО.
Првото за уништување на документација поврзана со прислушкувањето, а второто за шамарите во Општина Центар. Многумина реагираа дека ова се „ситни дела“ за кои ќе одговараат само „ситните риби“. Пропагандистите, мегафоните и „кликачите“ на ВМРО-ДПМНЕ го поставија и прашањето зошто Катица Јанева нема поднесено обвиненија за Шарената Револуција.
Воопшто не ми е јасен делот со „ситните риби“. Зарем Груевски, Јанакиески и Грујовски се „ситни риби“? Не. Тоа се водачот и првите луѓе во злосторничкото здружение кое десет години владее со нашата држава. Владеат со нашите пари и судбини.
Што се однесува до ситните дела, да се сетиме дека дури и Ал Капоне не отиде во затвор за убиства, корупција и рекетирање, туку беше осуден за затајување данок. Ако целава ситуација со Груевски ја гледаме низ кривично-правен и криминалистички аспект, тогаш сите институции, врз кои злосторничкото здружение има контрола, не се ништо друго освен средства за подготвување, извршување и прикривање на кривични дела. Сите полицајци кои партиската книшка ја ставаат пред значката, сите судии и обвинители од „тефтерчето на Горде“, и сите новинари на кои „Бате Саше“ им порачува куртон-вести, сите тие се соучесници и дел од структурата на злосторничкото здружение.
Не може во таа ситуација да има соодветна истрага на нивните криминали. Посебно на тешките кривични дела. Не може никој да ги истражува случаите како што се Мартин Нешкоски, „Монструм“, Плацовите на Водно и сл. Посебно ако се земе предвид „самоубиството“ на еден од сведоците на СЈО, Коста Крпач. Мислам дека злосторничкото здружение кое во моментов е на власт нема никогаш да дозволи да се усвои потребната легислатива за заштита на сведоци.
Правдата, посебно онаа за организираниот криминал никогаш не е брза. Ако е брза, тогаш е и површна. Кога гониме криминална група која е толку добро организирана и вгнездена во сите институции како онаа на Груевски, од клучно значење е прво да го срушиме митот на недопирливост. Митот дека никој не му може ништо. Макар било и со полесно дело. Тогаш, многу повеќе луѓе ќе се охрабрат да сведочат. Груевски нема да може да влијае врз сведоците и постапките толку лесно. Ешалоните од криминалци под него ќе се подзамислат. Ќе си речат – „штом стигнаа до него, можат и до мене“. И дури тогаш, големата палата на малиот диктатор ќе почне да се распаѓа како кула од карти. НЕ, Никола Груевски се уште не е готов! Ама, за прв пат после толку години, ние сме на добар пат.
p.s. Делот зошто СЈО нема покренато обвиненија за Шарената Револуција заслужува посебен текст, во некоја наредна прилика
Фб статус, Павле Богоевски