Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вчера имаше спасителна акција на Дојранско Езеро што заврши успешно, а имаше потрага по изгубена планинарка на Шар Планина, што и денеска продолжи, но за жал, утрово е пронајдена без знаци на живот. Имаше 1 723 повици на 112 во ЦУК во последното деноноќие
На 112 во ЦУК околу 16.30 часот е барано помош за лице коешто пливало во езерото заради лошото време со ветер, бранови и езерски струи кај месноста „Калдрма“ во Дојранско Езеро. Лицето е пронајдено живо од страна на полициски службеници од ПС Дојран. Конкретно од СВР Струмица известија дека лицето испливало до брегот во влизина на грчката граница. Истото од таму е земено од страна на припадниците од МВР и е надвор од животна опасност. Инаку, полицајците од ПС Дојран со чамец на концесионерот на езерото беа излезени на теренот при силен ветер и бранови и вршеа пребарување на Дојранското Езерото на местото каде што било забележано лицето. ДЗС немаше чамец на Дојранско Езеро.
Регионалниот ЦУК Тетово, извести дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 11.57 часот, вчера беше примен повик за исчезната повозрасна планинарка (72-годишна) на Шар Планина во реон на Љуботен, по што беше организирана потрага што продолжи и денеска од утрово, кога се раздени. Во потрагата беа вклучени ренџери од НП „Шар Планина“ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР, 5 полициски службеници од ПС Теарце. Утрово, од НП „Шар Планина“ известија дека денеска во 07.30 часот е пронајдена жената во месноста „Ружен Камен“, но без знаци на живот. За извлекување на настраданата жена од тежок и не пристапен терен се интервенира и од страна на алпинистот Надир Мурсели, којшто помага при вакви случаи на Шар Планина. Увид на местото ќе изврши екипа од СВР Тетово, а е известен и Јавен обвинител.