Притворениот градоначалник Владимир Талески не се откажува од тоа тендерот за бесплатниот школски превоз во Битола, наместо од Општината, да биде организиран од средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.
Тендерот најверојатно ќе го распише училиштето, а парите на превозниците повторно ќе им ги исплаќа Општината, од дотациите на Министерството за образование.
Денеска попладне училишниот одбор на техничкото училиште дефинитивно ќе одлучи дали ќе го прифати предлогот на Општината и ќе го отвори тендерот за бесплатниот школски превоз за 13 училишта во градот. Членови од училишниот одбор велат дека исто како и пред еден месец, нема расположение за прифаќање на овој предлог бидејќи Општината е таа што треба да прави јавни набавки за училиштата.
Директорот на средното техничко училиште, Драган Стојановиќ, за „Мета“ денеска изјави дека училиштето само ќе го распише тендерот, додека исплатата на парите ќе оди преку Општината.
– Исто како и досега, Општината ќе им плаќа на превозниците – рече Стојановиќ.
„Мета“ дојде до договорот што треба да го потпишат основните и средните училишта во Битола за организирање на бесплатниот школски превоз за учебната 2016-2017 година.
Во договорот се наведено дека врз основа на записникот од состанокот на директорите од основните и од средните училишта, формирана е комисија за јавна набавка и дека носителот на групната набавка, техничкото училиште, се обврзува технички, односно електронски да ја спроведе постапката на групната набавка, со помош на стручната служба за јавни набавки на Општина Битола.
Ако некое од училиштата се премисли и не го потпише договорот, тој ќе се смета за раскинат, за што ќе бидат известени градоначалникот Талески и Министерството за образование.
Градоначалникот Талески три месеци е во куќен притвор поради истрагата на Специјалното јавно обвинителство за сомнежи за криминал од 360.000 евра со тендерите за превозот на ученици.