Мисајловски: Со стабилно финансирање да ги развиваме одбранбените способности

Сподели

На денешниот втор ден од состанокот на министри за одбрана на Северно-атлантскиот совет кој се одржува во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралството Белгија, се разговараше за достигнувањата, развојот на способностите, логистиката, операциите, капацитетите во однос на Концептот за одвраќање и одбрана на НАТО во рамки на Евроатлантската област.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски потенцираше дека прагот за Буџетот за одбраната да биде минимум 2% од БДП е приоритет. Македонската влада е решителна во однос на инвестициите за развој и модернизација на одбранбените капацитети и затоа веќе е предложен Буџетот за 2025 година кој ќе обезбеди стабилно финансирање на проектите.

„Посветени сме на исполнување на националните и обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО. Само со стабилно финансирање ќе успееме да ги развиваме одбранбените способности“, заклучи министерот Мисајловски.

На маргините на состанокот, денеска заедно со колегите од Романија, Италија, Албанија и Бугарија министерот Мисајловски потпиша Анекс на Писмото на намери за хармонизирање на Коридорот 8, по изразената намера на сојузничка Романија да се вклучи во оваа Иницијатива, која е од особена важност за олеснување на воената мобилност со цел одвраќање и одбрана на источното крило на Алијансата.