Планинската спасителна служба-Охрид на Конгрес за Алпско спасување

Сподели

Членови на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид се дел од петчлената делегација на Националниот Сојуз за Планинско Спасување (НСПС), која од 15-ти до 20-ти овој месец учествува на годишниот конгрес на Меѓународната Комисија за Алпско Спасување – ICAR (International Commission for Alpine Rescue).

Конгресот годинава се одржува во Солун, Република Грција со учество на повеќе од 700 делегати од службите за спасување во светот.

– На конгресот, нашите претставници зедоа активно учество во работните групи за терестријално, хеликоптерско и лавинско спасување. Покрај учеството во работните групи, на маргините на конгресот, нашата делегација оствари плодни средби со колегите од светот на планинското спасување, на кои беа договорени неколку билатерални соработки во иднина. Целта на ваквата соработка, ќе биде размена на искуства и зголемување на нивото на знаења, особено за тематските содржини кои се значајни за зголемување на капацитетот и ефикасноста на спасувачките операции во нашата држава и целосно усогласување на протоколите за спасување со препораките на ICAR, информираат од НСПС.

Додаваат дека како и секоја година, за време на конгресот се одржал и саем на опрема за спасување, каде исто така биле остварени плодни контакти со реномирани производители на опрема, кои изразиле подготвеност за потребите на НСПС, како национална организација за спасување, да понудат посебни попусти на своите производи, што во иднина може значително да придонесе во подигнувањето на материјалниот капацитет и технички капацитет на планинската спасителна служба во државата.

Конкресот завршува денес, со одржување на генералното собрание на ICAR, каде НСПС за прв пат учествува како член од највисоката А категорија (национални организации за спасување), со право на 4 гласа во собранието. (Охридпресс)