„Половина сонце“ е насловот на изложбата на Јована Тодороска инспирирана од комплексноста на Сонцето во нашиот Сончев Систем, која во понеделникот (28 октомври) беше отворена во Културно-информативниот центар на РС Македонија во Загреб.
Директорката на КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, на отворањето истакна дека енергијата на сонцето во форма на сончева светлина и топлина е водечка сила на сите живи организми, односно го одржува целиот живот на Земјата, па така и Јована Тодороска нејзините дела ги гледа како извор на енергија за неа.
Делата се изработени во графичка техника, сува игла и прецизно нацртани точно повторувачки ритмички движења. Иритантно за окото е тоа што делата се во форма на круг (сонце), но секое од нив е половично и изгледа како да му недостига другата половина. Одвоено, односно заедно (двете половини), тие го симболизираат редот на нештата во вселената и во светот на луѓето.