32. издание на „Скомрахи“ под мотото „Дионизија сега“

Сподели

Под мотото „Дионизија сега“, од 1 до 5 ноември на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ќе се одржат Меѓународните студентски средби „Скомрахи“. Отворањето е во Драмскиот театар со претставата „Кралот Иби“ од Алфред Жари, со студентите од ФДУ.

Претставите ќе се играат во повеќе простори: Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“. Во рамките на програмата ќе бидат изведени претстави од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија и од Чешка.

Програмата на 32. издание на „Скомрахи“ вклучува и: изложба за повторна употреба на театарскиот „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел-дискусија, разговори по претставите и музички настани.

Паралелно со програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс што ќе биде изведен на последниот ден, а во чие создавање ќе учествуваат сите учесници на „Скомрахи“, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и од Одделот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, студенти од Академијата за уметност „Фонтис“ во Тилбург (Холандија) и неколкумина уметници од локалната дрег-сцена.