Во рамките на програмата за одбележување на јубилејот „80 години Народен театар – Битола“ ќе гостуваат Македонскиот народен театар, Драмскиот театар од Скопје и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.
Првото гостување е на 7 ноември, со почеток во 20 часот, кога на сцената во Битолскиот театар ќе настапи МНТ со претставата „Бели ноќи“ работена според истоимениот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски, во режија на Звездана Ангеловска. Актерската екипа ја сочинуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски.
Второто гостување е на 8 ноември, кога Драмскиот театар од Скопје ќе настапи со претставата „Мојот маж“, работена по дел од расказите на Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ. Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.
Третото гостување е на 11 ноември, кога Театарот „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ од Велес ќе гостува со претставата „Вечера за глупаци“, во режија на Ненад Витанов. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер и во неа играат: Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.