Меџити: Џокерот на Артан, Прпарим Бајрами основал бугарско партнерство во Мегавин

Сподели

Во борбата со подземјето на Бугарија и Србија, длабоко вкоренето во индустријата на игрите на среќа од страна на Артан Груби и неговите пиони, не можат да се спречат со неосновани обвинувања и клевети,“ реагираше првиот заменик-претседател на владата, Изет Меџити, по обвинувањата од ДУИ дека токму Меџити и Таравари целосно се ставиле во служба на монополот на српско-бугарската приватна компанија и директорот на Лотаријата Александар Климовски во индустријата на коцкање.

Според Меџити, диригентот Груби, преку соработникот Крешник Бектеши, денес презентираше некои лаги и направи смешни обвинувања, кои сега ќе му послужат како автогол.

„Навикнат на злоупотреби и интриги, крупието на рулетот на Лотаријата мисли дека лагите кои ги објавува преку своите портали народот ќе ги верува. Ви ја презентирам потпишаната спогодба помеѓу Државната лотарија и бугарската подземна компанија Мегавин: на неа стои потписот на џокерот на Артан, односно Перпарим Бајрами! Со оваа спогодба, токму Перпарим Бајрами основал бугарско партнерство во Мегавин“, објави Меџити.

Како што додаде, тој ја разбира нивната загриженост, бидејќи според него овие нечисти зделки стануваат историја, а заедно со нив и богатите провизии на кои се навикнале како награда за уништувањето на младината со коцкање и игри на среќа.

„За крај: од 2017 до 2024 година, неколку влади се сменија: некогаш владееше ВМРО, некогаш СДСМ. Само ДУИ беше постојана во сите влади. Значи, токму ДУИ на Артан Груби и Перпарим Бајрами направиле договор со мафијата на коцкањето, и не само што не го спречиле, туку уште повеќе го зајакнале коцкањето во нашето општество“, додаде Меџити.

Исто така, Меџити ги предупреди експонентите на ДУИ дека секој ќе понесе одговорност.

„Затоа, кога зборувате за мафијата на коцкањето што ја инсталиравте во општеството и во менталитетот, моралната одговорност побарајте ја меѓу вас. А кривичната одговорност ќе дојде многу брзо“, заврши Меџити.