Герасимовски: Бесплатна градинка за деца Роми од ранливи семејства

Сподели

Општина Центар продолжува со својата посветеност за создавање поинклузивно општество за сите граѓани. И оваа година, општината запишува 20 дечиња од ромска националност кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на возраст од 3 до 6 години во градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“.

Како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорката на детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ Елена Устамитова, денеска ги потпишаа новите договори за соработка за учебната 2024/2025 година. Овој проект има за цел поддршка на социјално ранливи групи и инклузија за поквалитетен раст и развој на дечињата, независно од нивната социјална или етничка припадност.  

„Интеграцијата на децата Роми во воспитно-образовниот процес со сите останати деца е важен за создавање инклузивно општество. Кога децата растат заедно тие учат за солидарност, толеранција и меѓусебно прифаќање – вредности кои во иднина треба ги изградат во подобри личности. Децата заслужуваат без никакви пречки да го развиваат својот потенцијал, а денешниот потпишан договор е потврда за заложбата и посветеноста за инклузивност и добросостојба на децата од ранливите групи. Општина Центар со години наназад обезбедува еднакви шанси за сите деца, ги намалува социјалните разлики и го подобрува раниот детски развој. Само со ваков пристап можеме да инвестираме во иднината на децата, создавајќи услови за социјален и образовен напредок“, рече градоначалникот Герасимовски.  

Проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ се спроведува од 2011 година со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со овој договор, Општина Центар ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на Општина Центар „Раде Јовчевски – Корчагин“.