Делегација составена од поранешни конгресмени, претставници на службата на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД), како и претставници на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од Вашингтон и од Канцеларијата во Скопје се во посета на Собранието на Република Северна Македонија, каде што денеска остварија средби со претставници на раководството на законодавниот дом.
Поранешните конгресмени Дејвид Скагс и Бил Флорс, како и претставниците од администрацијата на американскиот Конгрес и на ИРИ имаа заедничка средба со претседателот на Собранието Африм Гаши и со потпретседателите Антонијо Милошоски, Весна Бендевска и Јован Митрески.
На средбата беа разменети мислења за демократските процеси, етичките норми и дијалогот меѓу пратениците од различни политички провениенции во нашиот законодавен дом, како и за искуствата на тој план во Конгресот на САД.
Претседателот Гаши посочи дека Собранието има Етички кодекс кој произлезе од процесот „Жан Моне“, истакнувајќи дека е многу значајно да почне и неговата практична примена. Тој рече дека нашата држава, иако е се уште млада демократија, сепак, има мошне долга традиција на гостопримство, така што искуствата од развиени демократии како САД се драгоцени за нашиот понатамошен демократски напредок.
Потпретседателот Милошоски, пак, го истакна значењето на дијалогот во парламентите, посочувајќи дека меѓу пратениците треба да постои натпревар, но не и непријателство, критичност, но не и критизерство, затоа што во прв план се стратешките интерси. на земјата.
На средбата со генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, и замениците на генералниот секретар Никола Ѓошевски, Бобан Стојаноски и Ибуш Јусуфи, пак, беше истакнато значењето на престојната обука за собраниската Служба.
Генералната секретарка Димовска, исто така, ја нагласи континуираната соработка и поддршка од ИРИ, посебно со Службата, која, како што посочи, е носител на институционалната меморија на Собранието.
Гостите од САД, од утре до крајот на оваа работна недела, ќе бидат дел од Обуката за пратеници и за собраниската Служба „Зајакнување на транспарентното работење на Собранието преку доследна примена на етичките стандарди“, во организација на Меѓународниот републикански институт – ИРИ и Парнерството за демократија на Претставничкиот дом на САД.