ДЕНЕС: СЕ САНИРА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО
Во тек е санацијата и заштитата на црквата “Свети Ѓорѓи” во атарот на селото Курбиново -Преспанско Езеро. Таа потекнува од 12. век и со своето фреско-сликарство претставува еден од најзнаменитите културно-историски објекти во Македонија.
Долги децении црквата беше препуштена на забот на времето и постоеше опасност од нејзино уривање. По интервенција на Заводот за заштита на културно-историското наследство и со ангажирање на Битолскиот Музеј, годинава се пристапи кон нејзино зацврстување, што дава надеж дека конечно ова непроценливо културно богатство ќе биде сочувано од пропаст.
“Денес” магазин, ви пренесува мислење на познат експерт од оваа област, Д-р Панче Велков, заштитар и Претседател на Здружението за заштита на културното наследство “Македонида”со изјава, дали преземените активности ќе бидат доволно ефикасни да се надоместат последиците од досегашната негрижа кон овој и културно-историски споменик.
*Во каква состојба беше црквата Св. Ѓорѓи пред сегашната санација? Кои делови беа најоштетени?
– Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново од 12.век беше оштетена и да не кажам, речиси запуштена. Во црквата немаше осветлување, ниту струја, а фреските од исклучителна вредност беа доста оштетени. Ѕидовите беа напукнати и се отвараа по краевите на горните агли. Кровната конструкција беше сосема дотраена.
*Какви конзерваторски зафати се вршат и дали тие се доволни за нејзината трајна заштита?
-За сега се конзервира архитектурата, т.е конструкцијата: ѕидовите, гредите и кровната конструкција. Се поставуваат нови затеги за да се поврзат ѕидовите и да се зајакне сеизмичката стабилност, а пред се` статистичката стабилност. За таа цел се користат природни и традиционални материјали, како дрво, варов малтер и ќерамиди..
*Што според Вас преостанува да се направи во иднина, за да овој исклучителен културно –историски споменик ја добие својата заслужена вредност?
-Треба да се заврши конструкцијата и да се започне со чистењето на фреските со соодветни средства.
*Постои ли соодветен елаборат по кој што ќе се изведуваат понатамошните градежни и конзерваторски работи? И дали се обезбедени средства за таа намена?
– Елаборатот постои, но не се дефинирани сите детаљи, така да, на пример се уште не се знае што со деловите од бетон, како што се бетонските серклажи кои се вметнати во столбовите. На мислење сум дека тие треба да се остават, бидејќи тешко може да се извадат. Исто така елаборатот, колку што ми е познат, за сега не ја разработува стратегијата на одржување и претставување на црквата како споменик од исклучително светско значење. Околината на црквата треба да се аменазира. На црквата и е потребен постојан кустос кој што ќе ги пречекува посетителите. Потребни се публикации и на македонски, но и на англиски јазик.
Инаку, средствата за заштита ги обезбедува Министерството за Култура.