НУБ „Св. Климент Охридски“ веќе 8 децении е столб на образованието, науката и културата

Сподели

Со пригодна свеченост Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје го одбележа јубилејот – 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија.

Честитајќи го големиот јубилеј државната секретарка во министерството за култура и туризам Марија Станчевска-Ѓоргова истакна дека „Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, како еден од столбовите на нашето образование, наука и култура има клучна улога во зачувувањето на  книжевно богатство и активно учествува во неговото ширење и развој.

„НУБ Св. Климент Охридски го собира, го документира, го вреднува и го валоризира македонското книжно културно наследство за идните поколенија. Со секоја книга и секој нов истражувачки труд, со кои располага овој храм на знаењето, во сите форми и изрази, од најстариот ракопис до најсовремениот дигитален формат, се дел од процесот на изградба на интелектуалниот и културниот идентитет на нашето општество, рече Станчевска-Ѓоргова.

Таа додаде дека иако технологијата ги трансформира начините на наоѓање и користење на информациите, основната мисија на библиотеката останува иста – да го поттикнува образованието, да ја обезбеди слободата на пристап до знаење и да создава услови за критичко размислување и интелектуално растење.