Во КИЦ во Софија мултимедијален проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“

Сподели

Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, денеска (28 ноември) во 18:30 часот ќе се одржи мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ – солистички концерт на авторска музика на Билјана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.

„Потребата да се дополнуваат музиката и визуелното во просторот е карактеристика на наведените уметнички во претходните уметнички настапи, од каде што и произлегува оваа идеја. Притоа наоѓајќи ја заедничката фреквенција преку современ пристап и обработка на заедничка тема мечтаењето, желбите и потребите на луѓето во секојдневието. Всушност, создавајќи ги своите форми за сценската инсталација, Марина ги работи под инспирација на музиката на Билјана Петровска“, истакнуваат од КИЦ – Софија. Оттаму дополнуваат дека музиката на албумот на Петровска е инспирирана од мелодии и мотиви од фолклорни песни, од она за кое се претпоставува дека сите го имаме запишано во нашиот код. На програмата се делата: „Самовила“, „Сон“, „Исчекување“, ,,Носталгија“ и други.