Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ е избрана за член на Судски совет

Сподели

Наместо реформи гледаме брутална партизација на судството, би рекла дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ, изјави  Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Скандалозен е изборот на Данка Ристова за нов член на судскиот совет, избарана е сопруга на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Радовиш, Ацо Ристов.

Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси.

Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е потврда за се што СДСМ зборува изминатите месеци. ВМРО-ДПМНЕ не се интересира за правда – тие сакаат судство кое ќе ги амнестира нивните криминалци, а ќе ги прогонува сите што се спротивставуваат на нивниот режим.

Јасна е намерата на оваа власт – комплетна партизација и враќање на „Сваровски судството кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ со месеци предупредува и ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на Мицкоски и неговата партија да ја уништат независноста на судството. Како што беше во времето на Груевски, така и денес, ВМРО-ДПМНЕ сака судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.

Се враќа мракот од минатото, кога правдата беше заглушена, а граѓаните беа сведоци на најгрубото кршење на владеењето на правото.

Наместо да обезбедат правда и реформи, ВМРО-ДПМНЕ го враќа судството во своите раце – создавајќи партиска „институција“ која ќе биде обвинител, судија и егзекутор.

Граѓаните и СДСМ не смеат и нема да дозволат узурпација на правдата. СДСМ ги повикува сите граѓани, независни експерти, правосудни работници и граѓански организации да застанат цврсто против оваа узурпација. Ова е момент кога сите заедно мора да покажеме дека правдата не смее да биде злоупотребена, дека судството не смее да биде алатка во рацете на ниту една политичка партија.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело.