30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу РС Македонија и 18 земји

Сподели

Денес во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Северна Македонија со 18 земји: Република Чешка, Унгарија, Кралството Шпанија, Португалската Република, Кнежевството Лихтенштајн, Големото Војводство Луксембург, Република Австрија, Кралството Белгија, Светата Столица, Република Словачка, Швајцарската Конфедерација, Ирска, Арапската Република Египет, Социјалистичка Република Виетнам, Јапонија, Република Киргистан, Повеќенационалната Држава Боливија и Република Узбекистан.

На настанот свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и доајенот на дипломатскиот кор во државата, амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш.

 Посакувајќи им добредојде на свечениот настан по повод јубилејот, министерот Муцунски истакна дека денес со гордост се слават три децении на просперитетни дипломатски односи, кои започнаа во 1994 година и претставуваат долгогодишно патување со заедничко меѓусебно почитување, соработка и споделени вредности.

 „Развивајќи ги политичките, економските, културните и другите видови соработка од заемен интерес, разменивме многу посети, потпишавме бројни билатерални и меѓународни договори, се поддржувавме во мултилатералните организации и спроведовме разни иницијативи. Денес, во услови на сложена геополитичка ситуација, пријателскиот дијалог е цврста константа која игра клучна улога во зајакнувањето на нашата соработка“, нагласи министерот Муцунски во своето обраќање.

 Тој потсети и на приоритетите на Владата, кои се фокусирани на странските инвестиции, надворешната трговија, развојот на стратешките партнерства и меѓународното позиционирање на земјата.

„Како што одбележуваме 30 години дипломатски односи, ја повторуваме нашата посветеност на еден од нашите водечки принципи: придонесот за градење подобар свет. Потребно е да работиме посветено и со заеднички сили, духот на пријателството и успешната соработка да го пренесеме и прошириме на помладите генерации, бидејќи тие несомнено се носители на иднината на нашите земји.“

 Амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш, во своето обраќање пред присутните истакна дека овие 30 години донеле значајни развои, извонредни настани, еволуции и забележителни достигнувања.

 Тој нагласи дека „компасот на насочување“ на иднината треба да води кон соработка во различни сектори и идентификување на нови потенцијални можности за соработка, одговарајќи на современите предизвици од глобална природа, како што се одржливиот развој поврзан со климатските промени, обновливите извори на енергија, економската модернизација, технолошките иновации, дигиталната трансформација, развојот на инфраструктурата и многу други области. Тој истакна и дека културните и другите врски ќе продолжат да играат значајна улога, со различен акцент на сите 18 партнери на Северна Македонија.