Миша Кубал, КОГА ЅИДОВИТЕ БИ ЗБОРУВАЛЕ во МСУ

Сподели

Миша Кубал, IF WALLS COULD TELL (КОГА ЅИДОВИТЕ БИ ЗБОРУВАЛЕ)

Музеј на современата уметност – Скопје, 19 декември, во 12 часот Јавен простор: тремот на МСУ-Скопје – Отворање во присуство на уметникот

Панел дискусија: 21/12/2024 во 20:00 ч.//// ENG below

За проектот

„Зошто по ѓаволите сите сакаат да успеат?
Би сакал да запознаам некој што сака да пропадне.
Тоа е единственото возвишено нешто“.
– Џон Дос Пасос, Менхетенски трансфер, 1925 година

Транснационалниот проект if walls could tell („Кога ѕидовите би зборувале“) на уметникот Миша Кубал, ги доведува во прашање уметничките институции во однос на нивната инклузивност на пошироките општествени групи во една заедница. Три симболични музејски ѕидови ќе бидат поставени на јавни места во различни градови низ Југоисточна Европа, каде што ќе делуваат како пристапна и привремена сцена за локалните жители. Како филтер, овие ѕидови ќе ги соберат сите „траги“ на културни и урбани изрази во урбаниот живот на луѓето, далеку од културните институции на кои тие се однесуваат. Откако ќе биде обележана од околината и луѓето, сцената потоа се враќа во својот институционален контекст, зачувувајќи ги трагите оставени зад нас, за понатамошно испишување.
Со приказната за Дос Пасос што одекнува во позадина, аналогниот музејски_трансфер – минливата, речиси дистописка промена на местото со многуте натписи – се концентрира на трагите оставени на ѕидовите, видени како привремен простор за отворено и неограничено изразување на граѓаните во партиципативен уметнички проект во јавен простор. „Кога ѕидовите би зборувале“, поставува актуелни општествени прашања: Дали граѓанското општество може да живее без музеи, и дали ова го отфрла или прекршува културното ветување за идните генерации? Какви се интеракциите помеѓу општеството, музеите, граѓаните, уметниците и кураторите?
Дејствувајќи како катализатор во овој контекст, Миша Кубал го отвора просторот за сите граѓани, кои пак стануваат директни продуценти на содржина, учесници и коавтори во продукцијата на колаборативно уметничко дело. Така, тие се сметаат за политички субјекти кои треба да бидат способни да ги присвојат сите достапни инструменти кои ги претвораат во активни корисници, а не во пасивни конзумери, што го поставува прашањето: Што се случува кога граѓаните, потенцијалната музејска јавност и уметниците ќе добијат „слобода на изразување“ во јавниот простор, невообичаено за музејската изложбена политика и практика?

Откако ѕидовите ќе се вратат во музејот, важен аспект на проектот вклучува оганизирање на јавна дебата со уметници, историчари на уметност, теоретичари и куратори, меѓу другите. Дискусијата ќе се заснова на претходно забележаните општествени прашања и проблеми во секој од локалните контексти и инспирирана од интервенциите, изјавите и отпечатоците оставени на ѕидовите. Контекстуалните дискурзивни програми се развиваат заедно со партнерските институции и со говорници кои добро ги познаваат локалните општествено-политички и уметнички контексти.
Музејот на современа уметност во Скопје е последното место оваа година, по изложувањето на проектот во Сараево и Букурешт ова лето. Процесот ќе се изведе во 2025 година и во сите други партнерски градови/места: Кишинев, Краљевица, Љубљана, Бихаќ, Чачак и Цетиње. Во секој од партнерските градови, откако ќе бидат поставени на јавни простори, ѕидовите ќе бидат вратени во музејот или галеријата, каде што ќе се одржат панел дискусии за да се истражи влијанието на партиципативната уметност во јавниот простор во секој специфичен контекст. Проектот ќе заврши во WELTKUNSTZIMMER во Дизелдорф, каде што ќе се одржи финалната дискусија со сите партнери.

Куратор: Зоран Ериќ
Институт за филозофија и социјална теорија, Белград

За уметникот
Концептуалниот уметник Миша Кубал работи во јавната и институционалната сфера од 1977 година. Од 2007 година Кубал е професор по јавна уметност на Академијата за медиумски уметности во Келн, а од 2006 до 2008 година тој е професор по медиумска уметност на Hochschule für Gestaltung / ZKM во Карлсруе. Од 2015 година е член на Академијата на науки, хуманистика и уметности во Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф. Во 2016 година тој беше почестен со наградата German Light. Од пролетта 2024 година, тој е вонреден член на Кластерот за извонредност ‘Matters of Activity. Image Space Material’на Универзитетот Хумболт во Берлин.

www.mischakuball.com

Двонасочна алеjа – Топење на музејското утврдување
(Панел дискусија) во МСУ- Скопје 21/12/2024 20 ч

Скопје е нашироко препознаен како „град на споменици“, а сепак му недостасуваат адекватни јавни простори за граѓанско вклучување. Деценија после промовирањето на проектот „Скопје 2014“, се покренува едно критично прашање: Каква е потенцијалната улога на партиципациската уметност во јавните простори дизајнирани за учество на граѓаните?

Во овој контекст, Музејот на современа уметност, позициониран како „остров“ или тврдина, продолжува да се фокусира на најсовремените регионални и меѓународни програми и изложби. Централното прашање за оваа панел дискусија е: Како партиципативната јавна уметност може да ги катализира дебатите кои симболично го означуваат почетокот на процесот на создавање „споменик“ (Јохен Герц)? Понатаму, како оваа форма на уметничка практика може да се перципира во град заситен со „бронзени скулптури“ кои го зајакнуваат наративот заснован на митологија, наместо да ја одразуваат социјалната реалност на етнички поделениот град и земја?

Говорници:
Д-р Софиа Григориаду, визуелна уметница и антрополог
Владимир Јанчевски, куратор, Музеј на современата уметност, Скопје
М-р Слободанка Стевческа, визуелна уметница, ОПА (Опсесивно Посесивна Агресија) и ФЛУ / УКИМ Скопје
Проф. д-р. Небојша Вилиќ, историчар на уметноста, ФДУ / УКИМ Скопје
Модератор: Д-р Зоран Ериќ, куратор
Поддршка�Проектот е организиран во соработка со мрежата на Гете Институт
во сите партнерски земји и поддржан од Bundeszentrale für politische Bildung bpb и Kunststiftung NRW.

Партнери:
Ars Aevi Музеј на современа уметност, Сараево
Национален музеј на романскиот селанец, Букурешт
Музеј на современата уметност – Скопје
Центар за современа уметност, KSA:K & PLAI Gallery, Кишинев
RIZOM [ K ] – Франкопански замок, Краљевица
Уметничка галерија „Надежда Петровиќ“, Чачак
MGML – Vžigalica Gallery, Љубљана
Центар за современа култура KRAK, Бихаќ
Факултет за ликовни уметности, Цетиње, Универзитет на Црна Гора
Weltkunstzimmer, Дизелдорф