Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, присуствуваше и се обрати на денешната еко-акција „Еден милион садници за пет години“ на Халк Банк во Скопје.
Лешкоска истакна дека акцијата која ја предводи Халкбанк, е симбол на заедничката одговорност, посочувајќи дека Министерството за животна средина соработува со приватниот сектор, невладините организации и граѓаните за да се создаде партнерство кое ќе доведе до вистински промени.
„Како Министерство за животна средина, наша основна цел е решавање на најгорливите еколошки проблеми. Проблемот со загадувањето, посебно на воздухот, веќе подолго време ја загрозува благосостојбата на нашите граѓани. Засадувањето дрвја е еден од најефикасните начини за ублажување на загадувањето. Дрвјата не само што го апсорбираат јаглерод диоксидот, туку ја намалуваат концентрацијата на ПМ честички во воздухот, произведуваат кислород и создаваат природни бариери од прашина и други штетни материи. Овој проект, кога ќе биде реализиран, ќе го намали загадувањето во регионите каде што е најкритично“, истакна Лашкоска.
Според Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, основна цел на иницијативата е создавање поодржлива, позелена и поздрава Македонија.
‘Со платформата Халк-Еко досега се реализирани повеќе акции низ различни општини во кои беа засадени над 60.000 садници. Овие дрвја веќе почнаа да го даваат својот придонес бидејќи секое дрво апсорбира приближно 22 килограми јаглерод диоксид годишно и ослободува кислород доволен за двајца луѓе. Банката реализираше и низа други активности, во кои најде поддршка и од партнерот Мастеркард, за уредување на урбани корнери, реновирање на мостови во градски парк, оддржување на еко спортски трки во трчање и велосипедизам, едукации и работилници’, изјави Суџубаши.