Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието, денеска во 11 часот треба да ја продолжи седницата на која пратениците ќе ги разгледуваат извештаите за работата на Специјалното јавно обвинителство и на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Обвинителката Катица Јанева вчера го образложи, а потоа одговараше на прашања на пратениците во врска со вториот извештај за работата на институцијата што ја води.
Јанева вчера до пратениците упати три барања: да се измени членот 22 и да се пролонгира рокот од 18 месеци за да може целосно да се истражи кој, на кој начин и во кој период прислушувал незаконски во Република Македонија, да се донесат измените на Законот за заштита на сведоци со кој на Јанева ќе ѝ се овозможи да ги заштити сведоците и пратениците да ги имплементираат препораките од Венецијанската комисија.