ОЈО за случајот „Организатори на 27-ми април“

Сподели

Со оглед на интересот на јавноста во врска со денешното рочиште по предметот познат во јавноста како „Организатори на 27-ми април“, а во поглед на важењето на Законот за амнестија за дел од обвинетите во предметот, во насока на објективно информирање, Ве известуваме дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по барањето на Основниот кривичен суд Скопје достави мислење во однос на поднесените барања од обвинетите против кои се води постапка во однос на примената на Законот за амнестија.

Мислењето е донесено врз основа на заземен став на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во проширен состав, откако со напатствија на Апелацискиот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје беше задолжен да се произнесе во поглед на важењето на амнестијата за дел од обвинетите. При носењето на мислењето, јавното обвинителство ја имаше предвид и правната аргументација од веќе донесеното решение на судот од 20.12.2018 година со кое еден обвинет беше ослободен од гонење за кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок од чл.313 од КЗ пред фазата на изведување на докази.

Во мислењето се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани. Ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложи, пред сѐ имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија.

Обвинителството во мислењето на јасен начин се произнесе во однос на примената на Законот за амнестија истакнувајќи:

„Обвинетите бараат примена на овој закон, кое нешто како уставно право секако им припаѓа, да се повикаат на примена на институтот кој е отелотворен во донесениот закон за амнестија. Оттука барањето на одбраната за примена на законот, за нивен еднаков третман пред законот како и останатите осомничени и обвинети кои добија амнестија врз основа на истиот закон е нешто кое не може да се спори“.

Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение.

Во секој случај имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка, обвинителството е обврзано според Законот за амнестија да даде мислење, но судот ја носи конечната одлука по свое наоѓање и убедување како краен арбитер. ​ ​