ОБАМА ОД ГОВОРНИЦАТА ВО ОН: ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА КОН ЛГБТ ЗАЕДНИЦАТА ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ

Сподели

barack_obama

Да се стави крај на дискриминацијата кон ЛГБТ заедницата во целиот свет“, повика претседателот на САД, Барак Обама од говорницата во Обединетите Нации. „И во најоддалечените делови на светот, од граѓаните се бара почитување на достоинството на сите луѓе, без разлика на нивниот пол или раса или религија или инвалидитет или сексуална ориентација и оние кои го негираат туѓото достоинство се предмет на јавен прекор“, посочи Обама во своето последно обраќање во Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Постојат пречки за остварувањето таква почит, забележа тој. „Алтернативните визии за светот се во подем и кај богатите и кај сиромашните земји: верскиот фундаментализам, политиката на етничка припадност или племе, или секта, агресивниот национализам, суровиот популизам – понекогаш од екстремната левица, но почесто од екстремната десница – кои се обидуваат да го вратат она што тие веруваат дека е подобро, поедноставно време, ослободено од надворешна контаминација“, рече тој. Обама призна дека ваквите визии „се моќни“ и дека тие „го одразуваат незадоволство кај голем дел од граѓанството“.

„Јас не верувам дека тие визии може да донесат безбедност или просперитет на долг рок, но верувам дека тие визии не можат да ја препознаат нашата заедничка човечност. Покрај тоа, верувам дека брзиот развој на технологијата, телекомуникациите и патувањето, заедно со глобалната економија која зависи од глобалниот ланец на снабдување, е самоуништувачки особено за оние кои посакуваат да се промени овој напредок. Денес, нацијата затворена со ѕидови, може само да се зароби себеси“, порача американскиот претседател.

 Иако Обама не го посочи Доналд Трамп по име, сепак споменувањето на ѕидови, би можело да се однесува на Трамп, кандидатот за претседател на Републиканците, кој вети дека ќе дигне ѕид на границата помеѓу Соединетите Американски Држави и Мексико за да ја спречи нелегалната миграција. А идејата за „подобро, поедноставно време, ослободено од надворешна контаминација“, ја посочува реториката на Трамп и на некои други светски лидери, кои велат дека хомосексуалноста и толеранцијата се увезени од Западните земји.

Инклузијата на ЛГБТ правата во глобалните човекови права го одбележа работењето на администрацијата на Обама. На пример, обраќајќи се во Генералното собрание на Обединетите Нации во септември 2011 година, Омаба ги повика нациите „да се заложат за правата на геј мажите и лезбејките низ целиот свет“. Во декември истата година, Хилари Клинтон, тогаш во функција на државен секретар, посочи пред Советот за човекови права на Обединетите Нации дека „геј правата се човекови права, а човековите права се и геј права“.

Наследникот на Клинтон, актуелниот државен секретар на САД, Џон Кери, исто така се залага за еднаквост на ЛГБТ заедницата и го назначи Ренди А. Бери за специјален пратеник за ЛГБТ човекови права.

извор: queer.mk