Минчев: Има политичка волја за потребните реформи во јавната администрација

Сподели

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во интервју за ТВ24 ги презентираше клучните чекори за реформа на јавната администрација, нагласувајќи ја неопходноста од политичка волја, квалитетни законски решенија и рационализација на кадровските ресурси.

Министерот истакна дека основниот гарант за ефикасна јавна администрација е постоењето на политичка волја во структурата на власт.

„Во оваа влада има политичка волја за да ги направи првите потребни реформи во јавната администрација“ – изјави Минчев.

Министерот додаде дека овој пакет на предлог закони е сублимат на решенија и акции со кои Министерството за јавна администрација го креира патот на реформите во јавната администрација за сите институции или за целиот државен апарат.

Новите законски решенија предвидуваат и дополнителни критериуми за новите вработувања со цел да се избегне можноста за партизација на јавната администација.

„Процесот на вработување ќе биде триделен, вклучувајќи проверка на документи, тестирање и интервју“ – истакна министерот.

Тој додаде дека, за прв пат во историјата на Република Македонија, ќе се формира Академија за усовршување на вработените во јавниот сектор и администрацијата, што ќе овозможи почетна и континуирана едукација на постоечките и ново вработените во јавната администрација.

Министерот нагласи дека вработените во јавната администрација не се „венчани“ за една работна позиција и дека е предвиден пакет кој вклучува награди и казни.

„Во овие закони е предвидено и следење на извршување на работните задачи на вработените во јавната администрација, континуирана едукација, проверка и доусовршување на знаењето на вработените согласно ЕУ стандардите”- додаде тој.

Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите, создавајќи модерна и ефикасна јавна администрација која ќе ја врати довербата, и ќе биде во служба на граѓаните.