Дел од јавната администрација, вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за правда, Министерството за култура и туризам, Министерство за економија и труд, Министерството за транспорт, Државен завод за статистика и Државен архив денеска почнаа со протести.
Протести ќе има секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот, кој ќе се одржи протест пред Министерството за финансии.
– Висината на платите на вработените кои денес протестираат почнува од 25.010 денари, просечната плата во овие институции изнесува околу 29.000 денари, а просечната плата во државата 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 отсто, значи дека вработените би добиле 6.000 денари, но и покрај тоа сите вработени би биле под просекот на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. Aпелираме на денешната владина седница да се стави точка на дневен ред, со што ќе се изнајде начин да се обезбедат средства од буџетот за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените. Во изминатиот период од изборот на новата Влада, остваривме средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори со нив, заеднички подготвивме Предлог – колективни договори, потоа со поддршка на ресорните министри беа испратени до Министерството за финансии. Овие Предлог – колективни договори беа поднесени до Министерството за финансии пред носење на Буџетот за 2025 година, но, од неразбирливи причини, Министерството за финансии не одобри средства за нивно потпишување, изјави Трпе Деаноски на протестот пред Министерството за животна средина и просторно планирање.