Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Воодушевувачки впечатоци: Колекцијата Енигма“ од академскиот сликар Синиша Кашавелски од Куманово.
Како што појасни еден од промоторите Елица Николова, историчар на уметноста и виш кустос во Народниот музеј, преку малиот сегмент на 10 дела, Кашавелски ја претставува мистеријата од неговиот внатрешен свет.
Изложбата е мала ретроспектива за 10 години творештво, по последната изложба на авторот во земјава во 2014 година.
Кашавелски е добитник на престижни светски награди и признанија. Најновото признание што уметникот го доби деновиве е специјалната награда „Artelibre“ на „ModPortrait Contest“, а награденото дело оди на изложбата на финалистите на Европскиот музеј за модерна уметност MEAM во Шпанија.
– Оваа награди многу значи бидејќи е најрангирана во светот на областа на реализмот, а ја добив во светска конкуренција на пет-шест илјади уметници од 80 земји. Оваа награда ме рангира меѓу топ 10 реалисти во светот, што многу ми значи – изјави Кашавелски.
Изложбата на Кашавелски, по Куманово, Кавадарци и Велес, во април годинава ќе биде претставена и во САД и во Швајцарија, а кон крајот на годината и во Кина и во Азија.