Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во утринската програма „Македонија наутро“ на МРТ информираше дека се прават напори новата сала „Работнички“ да биде пуштена во употреба до септември, најдоцна октомври оваа година.
„После повеќе од педесеттина години, отпочнуваме со реконструкција на култната сала на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“. Отпочнавме со фазна реконструкција, во моментов се одвива првата фаза, а тоа е нова фасада, нов кров, нови канцелариски простории кадешто се сместени федерациите. Планирано е првата фаза да заврши во март, верувам дека и временските услови ќе не послужат. За втората фаза, јавната набавка е веќе распишана, се очекува до крајот на месецот да заврши истата, посакуваме и правиме напори до септември, најдоцна октомври да ги исечеме лентите за отворање на новата сала Работнички“, истакна Герасимовски.
Во емисијата, Герасимовски рече дека се изгубило многу време во добивање на сопственост на салата за да може да се направи реконструкцијата.
„Многу градоначалници пред мене ветуваа, но остана само ветување, еве после подолг временски период обезбедивме финансиски средства и почнавме со реконструкција. Целта ни е како општина да инвестираме во спортот и во нашите млади со реконструкција на оваа сала, но и со реконструкција на останатите сали што ги имаме во нашите 8 основни училишта“, потенцираше Герасимовски.
Тој изјави дека за изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот.
„Планирано е да се реконструира долниот дел, односно нов под, да се средат целосно трибините, нови санитарни чворови, електрика итн. Ќе имаме една модерна и убава спортска сала која ќе биде за пример. Капацитетот и трибините ќе бидат во согласност со ФИБА стандардите. За навивачите на Работнички секогаш е мал просторот, но верувам дека ќе ги задоволиме капацитетите. Победничката боја на црвено-белите останува иста! Планираме да и дадеме ново име на салата, кое ќе биде изненадување, односно при самото отворање ќе ве информираме“, посочи Герасимовски.