Во центарот на Белград за вечерва е закажан нов протест поради нелегалното уривање на објекти во населбата Савамала, каде треба да се изгради амбициозниот проект „Белград на вода“, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.
Повод за протестот е тоа што и по пет месеци не се откриени извршителите ниту, пак, некој сносеше политичка одговорност за уривањето на објектите, за малтретирањето на граѓаните и за неодговарањето на полицијата на повиците за помош во ноќта меѓу 24 и 25 април.
Поддршка на протестот и доаѓање во Белград најавија групи граѓани и организации од десетина градови од Србија, соопшти Иницијативата „Не да(ви)мо Београд“, која го организира вечерашниот протест, барајќи оставка од министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, градоначалникот на Белград, Синиша Мали, и од други градски функционери.
Протестот почнува во 18 часот пред градското собрание, а ќе заврши со прошетка низ централните белградски улици, до зградата на обвинителството, кое тврди дека истрагата за случајот „Савамала“ сè уште трае.
Случајот „Савамала“ неделава беше повод и за нови несогласици меѓу српските власти и претставници на меѓународната заедница. Висок советник во Мисијата на ОБСЕ во Белград, Маурицио Салустро, во вторникот на собир за контрола за работата на полицијата рече дека од извештајот за заштита на граѓаните во случајот „Савамала“ може да се заклучи дека уривањето е „планирано на високо ниво“.
Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, во средата го обвини ОБСЕ за грубо мешање во внатрешните работи на Србија, додека шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, истиот ден изјави дека е „неприфатливо одредени советници и претставници во Мисијата на ОБСЕ во Србија да даваат политички изјави“.
Ноќта, по одржаните парламентарни избори во Србија, меѓу 24 и 25 април, маскирани лица со фантомки на глава, со помош на багер урнаа неколку објекти во квартот Савамала, а ниту Министерството за внатрешни работи, ниту комуналната полиција не интервенираше на повиците на граѓаните.
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, на почетокот од јуни рече дека во случајот се вмешани луѓе од самата градска власт на Белград, а Вишото јавно обвинителство на 24 август, четири месеци по уривањето, соопшти дека истрагата сè уште трае и оти нема нови информации.