Груевски: Не го оправдувам ниту Неделковски, ниту нелегалното поставување на плоча на Кајмакчалан

Сподели

nikola-gruevski1

Во врска со настаните поврзани со плочата на Кајмакчалан не можам да го оправдам ниту нелегалното поставување на спомен плоча од војници од друга држава кои нелегално ја поминале границата и нелегално поставиле спомен плоча во Македонија, ниту, пак, начинот на кој новинарот Миленко Неделковски решил индивидуално и со чин кој генерира негативна енергија и омраза да се справи со овој чин, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

“Доколку Србија има своја спомен плоча на таа локација, не гледам причина доколку и Бугарија побара на легален начин поставување на нивна таква плоча да не се дозволи. Двете држави се наши соседи со кои имаме многу испреплетени истории и не постои причина да бидат различно третирани кога станува збор за поставување меморијални обележја од ваков тип, особено затоа што се надвор од населени места и никому неможат да попречат. Затоа мислам дека проблемот требаше и треба да се решава институционално, а не на начин кој ќе создаде проблеми, гнев, омраза и меѓусебни обвинувања“, пишува Груевски.

Тој вели дека освен што Република Македонија треба да дозволи по институционален пат Република Бугарија да постави своја плоча на тоа место, доколку тоа го побара, потребно е и нашата држава на најзначајните такви точки да постави и свои државни обележја.

„Тоа се можеби 5-6 места главно вон населени места, кои треба да се одбележани независно што тие битки биле во време пред раѓањето на нашата држава Република Македонија. Најмалку затоа што во сите тие битки гинеле и многу Македонци, многу наши предци и многу пати судбината се поигрувала со нив, соочувајки браќа Македонци од двете страни на фронтот еден против друг“, стои во постот.

Груевски вели дека Бугарија е наш сосед со кој имаме многу заеднички работи низ историјата и треба да се трудиме историјата да не зближува, а не да не оддалечува.

meta.mk