СДСМ побара Собранието да се распушти, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“

Сподели

wpid-sobranie-glasane-za-odzemane-na-mandati-na-sdsm-3-jpg

Пратеничката група на СДСМ и на коалициските партнери денека поднесе барање за распуштање на Собранието.

– Како дел од политичките партии потписници на Договорот од Пржино, ние пратениците сме должни да покажеме дека остануваме на договорените позиции што се во интерес на решавање на политичката криза. Секој обид за одложување на распуштањето на Собранието од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ ќе биде доказ плус дека власта на Груевски сака да избега од избори на 11 декември – изјави Горан Сугаревски, координатор на опозицијата во Собранието.

Утринава и Демократскиот сојуз до Собранието на Република Македонија достави предлог-одлука со која бара законодавниот дом да се распушти, со што ќе се создадат уставни можности за изборите да се одржат на 11 декември 2016 година.

„Во согласност со договорот од 31 август 2016 година, четирите партии констатираа дека има услови за одржување предвремени парламентарни избори, при што како датум го определија 11 декември. За подготовка на сите партии за учество на изборите, неопходен е период од најмалку два месеци, поради што предлагаме распуштање на парламентот во текот на денот“, стои во соопштението на ДС.

Освен предложените промени на законите за работата на СЈО и за заштитени сведоци, други реални причини за одложување на самораспуштањето на парламентот нема, смета ДС.

„Севкупната криза во Македонија предолго трае и ги загрозува перспективите и развојот на земјата, поради што неопходни се промени на власта, кои можe да се случат на фер, демократски и веродостојни избори. Демократскиот сојуз очекува поддршка од сите парламентарни партии и од независните пратеници“, се додава во соопштението на ДС.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, денеска го повика СДСМ да достави барање до Собранието на Република Македонија за негово распуштање. Од владејачката партија велат дека оваа идеја им е „поттикната од вчерашниот собир во организација на СДСМ/Сорос, од нивната празна реторика која ја слушаме десет години наназад, како и од желбата на огромното мнозинство граѓани кризата наметната од СДСМ да заврши и да се стави крај на политичкото заложништво, конфликтите и на деструктивноста“.

„Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена. Граѓаните сакаат конечно да заврши кризата во која СДСМ ја турна Македонија“, се вели во партиското соопштение.

meta.mk