Седмото издание на Фестивалот на планински филм „Ехо“ започнува вечерва, а ќе трае до 20 октомври. За четирите фестивалски денови организаторите најавуваат најсилна програма досега, со проекции во три кино сали – „Милениум“, „Фросина“ и Џепното кино во МКЦ.
За време на фестивалот ќе бидат проектирани 50-ина филмови од кои три македонски.
„Оваа година имаме 9 меѓународни гости-презентери и тоа од Финска, Словенија, Украина, Полска и Бугарија и неколку локални гости и презентации како и изложба на фотографии. Фестивалот оваа година ќе издаде две нови книги и тоа ‘Седмата оцена’ од Рајнолд Меснер и ‘Метафизика на врвот’ од Ферид Мухиќ“, велат од Фестивалот „ЕХО“.
Исто така, организаторите напоменуваат дека и оваа година имаше конкурси за најдобра планинска фотографија и најдобро кратко видео, и притоа добиле многу инспиративни апликации, од кои најдобрите ќе бидат изложени за време на фестивалот.